This isn't an official website of the European Union

Ден на човековите права: Онлајн игра за подигање на свеста и проверка на знаењето покажа добри резултати

Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија одлучи да го одбележи годинашниот Меѓународен ден на човековите права на невообичаен начин. Интерактивната онлајн игра, која ја разви мрежата на Јуроп Хаус во соработка со млади правници и гејмери, и во партнерство со Обединетите нации, земјите-членки на ЕУ и Министерството за образование, го потврди големиот интерес меѓу младата популација за различните аспекти на човековите права.

 

Одиграна над 50,000 пати со, во просек, 70% точно одговорени прашања, онлајн играта „Навигатор“ покажа дека младите добро ги познаваат работите поврзани со човековите права – што е клучно за генерацијата која треба да ја гради нашата иднина. Играта беше создадена заради проверка – и подобрување – на знаењето на граѓаните за човековите права во период од две недели, почнувајќи од 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Со 300 прашања беа опфатени девет области: здравје, животна средина, детски права, Европската конвенција за човекови права, дискриминација, трговија со луѓе, права на потрошувачи, азил и миграција, и заштита на податоци. Целта беше да се подигне свеста за важноста на човековите права, особено во време на растечки конфликти и авторитарни тенденции ширум светот, како и да се едуцираат граѓаните, особено младите, дека почитувањето на човековите права, во нивната целовитост, е предуслов за мирно и прогресивно општество.

ЕУ, преку мрежата на Јуроп Хаус, ја создаде „Навигатор“ во партнерство со Канцеларијата на ОН, Министерството за образование и наука, амбасадите на земјите-членки на ЕУ и млади македонски активисти. Македонското здружение на млади правници ги подготви прашањата, а гејмерската заедница „Галактик омниворс“ ја дизајнира играта.

Победниците, кои се од сите делови на земјата, беа утврдени со ждрепка на 25 декември. Тие добија десетина награди, од кои прва беше ваучер за техничка опрема, а останатите беа ранци со подароци од амбасадите на земјите-членки на ЕУ. Главната награда ја доби средношколец од Скопје.