This isn't an official website of the European Union

Информации за односите меѓу ЕУ и земјата: политички, економски и трговски односи, дијалог со граѓанското општество, и помош.  

Политички односи

Земјата беше првата држава од Западен Балкан што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ, кој стапи на сила во април 2004 година. ДСА има за цел да ја либерализира трговијата за 95% од извозот во ЕУ. 

Мешовитиот парламентарен комитет беше воспоставен во 2004 година. Комитетот ги разгледува сите аспекти на односите меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, особено имплементацијата на ДСА. 

На земјата и’ беше доделен статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2005 година. 

На граѓаните на земјата им беше доделен безвизен режим за патување во Шенген зоната во декември 2009 година. 

Во март 2020 година, Европскиот совет ја потврди одлуката да отвори пристапни преговори со Северна Македонија. Откако Советот ја одобри Преговарачката рамка, во согласност со ревидираната методологија за проширување, на 19 јули 2022 година ЕУ ја започна воведната фаза од пристапните преговори со Северна Македонија. Во декември 2023 година, земјата го заврши скрининг процесот.

Економски и трговски односи

ЕУ е главниот трговски партнер на Република Северна Македонија, со 77,5% од извозот на земјата и 51% од нејзиниот увоз. Германија е најголем трговски партнер на земјата, а следуваат Велика Британија, Србија, Кина и Грција.  

Извозот од земјата главно се состои од неколку производи, од кои најважни се: легурите на фероникел, железо и челик и текстил. 

Главниот увоз го сочинуваат сурова нафта, електрична енергија, рамно валано железо и производи од челик и возила. 

Поддршка за бизнисот 

Некои од клучните програми и иницијативи на ЕУ за поддршка на раст на бизнисите и пошироката економија се достапни за компании кои се наоѓаат во Република Северна Македонија, вклучително: 

  • Horizon Europe 2021-2027 (клучна програма на ЕУ за финансирање истражувања и иновации, со буџет од 95,5 милијарди евра). 
  • Access2Markets (портал за извоз и увоз од ЕУ, кој дава информаци за сите тарифи, царински процедури и формалности, како и барања во однос на производите на ЕУ пазарот).
  • Grow your business (субвенционирани советодавни услуги за компании).
  • Enterprise Europe Network (информации и совети за компаниите за прашања поврзани со ЕУ).

Дијалог со граѓанското општество

Организациите од граѓанското општество им даваат поддршка на властите во Северна Македонија во спроведувањето на структурните реформи во процесот на пристапување. Тие ги мобилизираат граѓаните, ги изразуваат грижите на луѓето, ја насочуваат енергијата на заедниците во поддршка на одржливиот развој.  

ЕУ го слуша граѓанското општество, работи со него и се залага за зајакната улога на граѓанските организации во дијалогот за секторски политики во земјата. 

ЕУ исто така обезбедува финансиска помош за проектите на граѓанското општество преку нејзиниот Инструмент за претпристапна помош (IPA). Во 2008 година ЕУ го воспостави Инструментот за граѓанско општество за да го поддржи развојот на граѓанските општества во Југоисточна Европа и да им помогне:  

  • да имаат поактивна улога во дијалогот за политиките и да го поддржуваат пристапниот процес на ниво на заедницата.
  • да ги мобилизираат граѓаните и заедниците во наоѓањето локални решенија и во водењето иницијативи за социјална инклузивност.
  • да работат на промовирање човекови, социјални и еколошки права.
  • ефикасно да ги следат структурните реформи што ги спроведуваат владите.
  • да развиваат прекугранични проекти и мрежи. 

Во периодот 2014-2020 година, ЕУ обезбеди 24,3 милиони евра за проекти за организациите од граѓанското општество во Северна Македонија.  

Помош од ЕУ

Република Северна Македонија сака да стане членка на ЕУ. За да помогне во постигнувањето на оваа цел, ЕУ обезбедува постојана поддршка и финансиска помош преку проекти со цел земјата да може да ги спроведе сите неопходни реформи. 

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во Северна Македонија и на нејзиниот пристапен процес. Од 2007 година наваму, ЕУ, преку националната ИПА програма, инвестираше 1,6 милијарди евра во пет клучни области: 

  • владеење на право и фундаментални права.
  • демократија и добро владеење.
  • заштита на животната средина и одржлива поврзаност.
  • економски развој и човечки капитал.
  • земјоделство и рурален развој 

Земјата исто така има придобивки и од ИПА Програмата за повеќе корисници, која во периодот 2014-2022 година издвои ЕУ-помош во висина од 3,24 милијарди евра за поддршка на проекти од регионално значење за Западен Балкан. 

Од 2009 година наваму, Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан поддржа предвидени инвестиции од 3 милијарди евра во јавниот сектор во Северна Македонија. Досега земјата искористила 48 гранта со вкупна вредност од 486,5 милиони евра, како техничка помош и инвестициски зафати. Други донатори обезбедиле 20,2 милиони евра како билатерална помош, а 900 милиони евра се обезбедени како заеми од различни меѓународни финансиски институции.

Дополнително, Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) обезбеди 10 милиони евра за проекти за зајакнување на демократијата и човековите права во периодот 2007 – 2024 година.  

Техничка помош и размена на информации (TAIEX) 

ЕУ исто така нуди поддршка преку TAIEX инструментот, кој им помага на земјите партнери да се запознаат, да ги применуваат и извршуваат законите на ЕУ. 

TAIEX финансира краткорочна техничка помош, совети и обука. 

Помошта на TAIEX е отворена за: 

  • државни службеници.
  • судски и полициски власти.
  • парламенти/законодавни тела и нивниот персонал.
  • професионални/трговски здруженија, групи на работници и работодавачи.
  • преведувачи и уредувачи на законодавни текстови. 

Како дополнение, TAIEX Капацитет за локална администрација (LAF) поддржува семинари за клучните политики на ЕУ кои имаат влијание на локално ниво и за избрани членови и за постојани службеници на локални и регионални власти.