Посилна Европска Унија во рамките на подобар, позелен и побезбеден свет – клучни принципи што ќе ме водат за време на мојот мандат
Ми претставува чест и привилегија да ја преземам улогата на Висок претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија. Во сè посложен и проблематичен свет, одговорноста за управувањето со нашата заедничка надворешна политика е задача што ја сфаќам многу сериозно. Како глобален лидер, Европската Унија има вистинско влијание - и во нашето најблиско окружување и ширум светот.
Ќе се стремам да се осигурам дека Европската Унија продолжува да биде сигурен, кооперативен и принципиелен глобален играч, што работи за побезбедна Европа и побезбеден свет. Активно ќе се ангажирам со нашите меѓународни партнери, да спречиме и да одговориме на кризи и да се справиме со глобалните предизвици како што се климатските промени, незаконската миграција или нееднаквоста. Сакам Европската Унија да стане уште посилен чинител ориентиран кон светот и референтна точка за глобалната стабилност и развој.
Европската Унија го има тоа што е потребно за да ја оствари оваа суштинска мисија. Ги имаме на располагање сите алатки и ресурси – од дипломатија до трговија, развојна соработка и управување со кризи. Поставуваме низа правила и стандарди и постапуваме како непоколеблив бранител на мултилатеризмот и демократските вредности. Комбинацијата на горенаведеното нè прави лидер при обезбедувањето одговор на глобалните предизвици и покажување на патот напред. Нашата заедничка европска надворешна и безбедносна политика ја сочинува основата за преземање поголема улога во светот.
При градењето посилна Европска Унија, ќе се водам од следниве начела:
реализам: Во свет на политика на моќ, мораме да размислуваме и да се однесуваме како глобален лидер. Треба да постапуваме врз основа на јасна заедничка визија за нашите стратешки цели и интереси. Треба да ги поврземе внатрешните и надворешните аспекти на нашите политики, да го искористиме нивното влијание и да донесеме побрзи и поефективни одлуки.
единство: Потребна ни е вистински интегрирана надворешна политика што ја комбинира моќта на земјите-членки на ЕУ и потенцијалот на нивната заедничка акција, со координираната мобилизација на инструментите на ЕУ. Само на тој начин нашиот заеднички глас ќе биде слушнат јасно и гласно
партнерство: Денешните глобални предизвици бараат колективни одговори. Партнерството е во ДНК на Европската Унија. Мултилатеризмот е во сржта на нашата глобална акција. Можеби треба да го предефинираме системот заснован врз правила и да се направи соодветен за 21-от век, но нема да го напуштиме.
Европската Унија има одговорност кон своите граѓани и партнери ширум светот. Одговорност да се осигури безбедност и мир, да се промовира одржлив развој, демократија и владеење на правото, основни слободи и човекови права. Со нетрпение очекувам да ја унапредиме оваа визија и да придонесеме кон градењето посилна Европска Унија во рамките на подобар, позелен и побезбеден свет.
На самиот почеток на мојот мандат, ќе присуствувам на отворањето на Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени ЦОП25 (надворешна врска) во Мадрид, а потоа ќе отпатувам во Париз за да им оддадам почит на 13 француски војници кои неодамна загинаа во Мали.
MORE FROM THE BLOG
“A Window on the World” – by HR/VP Josep Borrell
Blog by Josep Borrell on his activities and European foreign policy. You can also find here interviews, op-eds, selected speeches and videos.