This isn't an official website of the European Union

Започна Европската година на младите

10.01.2022

Ентузијазам, енергија, талент: младите се столб на секое општество, најдоброто во неговата сегашност и иднина. Во изминатите две години пандемијата осуети многу младешки амбиции, но младите остануваат главен извор на надеж за подобра иднина. Оттука и одлуката 2022-та да се прогласи за Европска година на младите. Ова значи повеќе напори за да се вклучат младите во релевантните политики на ЕУ и на секое ниво од процесот на одлучување на Унијата, како и да се обнови нивниот позитивен пристап, кој беше погоден од пандемијата на ковид-19.

 

 

Европската година на младите вклучува конференции, иницијативи кои промовираат учество во носењето одлуки, кампањи за подигнување на свесноста за потребата од поинклузивна, позелена и дигитална ЕУ, како и истражувања за ситуацијата во која се наоѓаат младите.

Европската година на младите е тесно поврзана со NextGenerationEU, инструмент кој повторно отвора перспективи за младите, вклучително квалитетни работни места и можности за наобразба за Европа на иднината, и го поддржува учеството на младите во општеството.

Годината на младите бара соработка и надополнување со другите програми на ЕУ кои се однесуваат на младите долж спектарот на политики – од програми за рурален развој кои се фокусираат на млади фармери до програми за истражување и иновација, од кохезија до активности за ублажување на климатските промени, вклучително и програми на ЕУ со меѓународен опфат или од транснационална природа.

Освен тоа, Еразмус + и Европските сили за солидарност, со буџети од 28 милијарди, односно една милијарда евра за тековниот финансиски период, како и Гаранцијата за млади и Иницијативата на вработување млади на ЕУ создаваат дополнителни можности за младите. Годинава ќе започне и нова програма, насловена како АЛМА, за поддршка на прекугранична професионална мобилност на непривилегирани млади.

Рамка за соработка во однос на политиката за млади на ЕУ е Стратегијата на ЕУ за млади (2019-2027). Таа поддржува учество на младите во демократскиот живот и има за цел да осигура дека сите млади учествуваат во општеството. Централна алатка во овие напори е Дијалогот на ЕУ за млади.

Конечно, Конференцијата за иднината на Европа, која годинава ќе ги усвои заклучоците, ќе осигура дека погледите и мислењата на младите за иднината на Европа ќе бидат слушнати.

Програмата со сите активности и дополнителни информации ќе биде достапна на Порталот за млади. Активностите опфаќаат прашања кои најмногу ги погодуваат младите, врз основа на приоритетите нагласени во Целите за младите, како еднаквост и инклузија, одржливост, ментално здравје и благосостојба, и квалитетно вработување. Тие ќе вклучат и млади надвор од ЕУ.

На Европа и’ се потребни визијата, ангажираноста и учеството на сите млади за да изгради подобра иднина, која ќе биде позелена, поинклузивна и дигитална. Со овој предлог, Европа сака да им даде на младите повеќе и подобри можности за иднината.