This isn't an official website of the European Union

Дијалог Белград-Приштина: Време е да се преземе одговорност и да се движиме кон ЕУ

Блог ВП/ПП - Оваа сабота, 18 март, ќе свикам состанок на високо ниво на дијалогот Белград-Приштина. Овој пат е различно од претходните состаноци. Не само затоа што ќе се сретнам со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Косово Албин Курти во регионот, во Охрид, Северна Македонија, наместо во познатите сали на Европската служба за надворешно дејствување во Брисел. Туку и затоа што нашата дискусија ќе ја фокусираме на Анексот за имплементација на неодамнешниот договор со ЕУ што ќе резултира со далекусежна нормализација на односите меѓу Косово и Србија. И двете заедно, во суштина, ќе резултираат со нормализирање на животот на луѓето во регионот и ќе го отворат соодветниот пат на Косово и Србија кон пристапување во ЕУ.

„Време е лидерите на Косово, Србија и на целиот Западен Балкан да покажат храброст и заедничка одговорност за успехот на регионот во пристапувањетo кон ЕУ“    Жозеп Борел

 

Западен Балкан е различен од кој било друг регион во непосредното соседство на ЕУ. Ова го сфатив уште пред да станам висок претставник на ЕУ/потпретседател на ЕК во декември 2019 година.

Еден од чекорите пред да се преземе функцијата шеф за надворешна политика на ЕУ е сослушувањето во Европскиот парламент. При мојата дискусија со Парламентот, посебно внимание беше посветено на овој регион опкружен со ЕУ, а особено на моите планови и идеи за Дијалогот за нормализација на односите, што во тој момент ЕУ го олеснуваше речиси 10 години. Се обврзав во оваа пригода да ја направам мојата прва билатерална посета како ВП/ПП на Косово и Србија – ветување што го одржав.

 

„Мнозинството луѓе кои живеат на Балканот сакаат да гледаат напред наместо назад“.

 

Штом официјално ја презедов функцијата висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Западен Балкан природно стана една од главните точки на моето внимание. Секогаш кога ќе се сретнам со претставници на граѓанското општество за време на моите многубројни посети на регионот, тие јасно ми кажуваат една работа: мнозинството луѓе кои живеат на Балканот не сакаат да бидат заглавени во 1990-тите, постојано соочени со остатоците од минатото. Тие сакаат да гледаат напред, а не назад, да живеат во демократија,  со владеење на правото, во општества кои даваат можности за сите. Да се сака да се биде член на нашата заедница на вредности не е неостварлив сон, и јас, како и целото раководство на ЕУ, ги поддржувам нивните аспирации. Западен Балкан е дел од Европа. И тие секако не се чип што Путин треба да го користи во неговите империјалистички соништа.

Сепак, за да се отвори патот кон постигнување на целта за влез во ЕУ, Србија и Косово треба да ги нормализираат односите. Не постои друг начин. ЕУ го прави својот дел, а дијалогот Белград-Приштина е централен дел на мојот мандат. Советот се согласи со мојот предлог да се назначи амбасадорот Лајчак за специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, со главна задача да се забрза процесот. И ова е она што го направивме.

Во 2020 година одржавме неколку состаноци на високо ниво и на главниот преговарач во Брисел, фокусирани на преговарање за сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово кој се осврнува на сите отворени прашања.

Никој никогаш не рече дека задача која е од толку големо значење како олеснувањето на договорот за нормализација ќе биде лесна. Имаше подеми и падови, а премногу често прашањата кои се сметаа за мали и технички се покажаа како многу чувствителни и политички, со потенцијал да станат насилни.

 

„Никој никогаш не рече дека задача која е од толку големо значење како олеснувањето на договорот за нормализација ќе биде лесна“.

 

Руската агресивна војна против Украина ја промени сликата. Дијалогот не е само за Косово и Србија. Тоа мора да се гледа во сегашниот поширок геополитички контекст, одлучувачки момент во европската историја.

Но, наместо да напредуваме во поглед на големата слика за нормализација на односите со цел Европа да биде побезбедна и да се обезбеди подобра иднина за луѓето од регионот, нашето време и енергија беа апсорбирани од управување со кризата, барикадите и заканите за насилство со еден краен рок по друг во втората половина на 2022 година. Не беше лесно да се смири ситуацијата и да се избегне целосен конфликт, но успеавме.

Овој маѓепсан круг на кризи на работ на ескалација па дури и насилство мораше да престане. Затоа, во септември 2022 година, ние – поддржани од лидерите на Германија и Франција и нашите американски пријатели – дадовме храбар предлог до претседателот на Србија Вучиќ и до премиерот на Косово Курти. Предлог кој ќе стави крај на управувањето со кризата и наместо тоа ќе го насочи вниманието кон нормализација и помирување, и кој ќе му помогне на целиот регион да направи голем исчекор кон Европа.

 

„Ова е причината зошто сега е време да се фокусирате на пошироката слика и да не дозволите уште еден прозорец на можности да се затвори пред очи“.

 

За време на последната средба на високо ниво меѓу двајцата лидери, што ја свикав на 27 февруари оваа година, тие се согласија дека не се потребни дополнителни дискусии за Предлогот на Европската унија за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, документ што го поддржаа сите 27 земји-членки на ЕУ на состанокот на Европскиот совет во февруари. Ова не е мал подвиг и е важен чекор напред. Но, сè уште не е завршена работа.

Затоа сега е време да се фокусираме на пошироката слика и да не дозволиме уште еден прозорец на можности да се затвори пред очите на луѓето од регионот, како што се случи неколку пати во поновата историја.

Сега е време Србија и Косово да се договорат за Анексот за имплементација, кој е составен дел на Договорот и да споделат јасно разбирање за тоа како да ги применат своите одредби.

ЕУ не е обичен записничар ниту е страна во дијалогот: ние сме и остануваме олеснувач во овој дијалог. ЕУ е конечниот дом за Србија и Косово. Ќе продолжам неуморно да работам на конечно постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите, кој е прифатлив за земјите-членки на ЕУ, е во согласност со меѓународното право и европското законодавство и придонесува за регионалната стабилност. Договорот на маса е важен чекор кон таа цел.

Ова е време лидерите на Косово, Србија и на целиот Западен Балкан да покажат храброст и да покажат заедничка одговорност за успехот на процесот на пристапување на регионот во ЕУ.

„Задачата на лидерот е да ги одведе своите луѓе од таму каде што се до таму каде што не биле“, вели еден од моите искусни колеги. Задачата на лидерот е, би додал, и да испорача квалитетен живот што луѓето го сакаат, квалитет на живот што го носи членството во ЕУ.