This isn't an official website of the European Union

Солидарност на дело: Клучна поддршка од ЕУ во борбата на Северна Македонија со пожарите

Во екот на големите шумски пожари кои го одбележаа летово, ЕУ одговори брзо на барањата на Северна Македонија за помош во напорите да ги стави разорувачките пламени јазици под контрола.

 

Во рамки на Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, земјата во два наврати доби итна помош за гаснење пожари од воздух, од неколку земји-учеснички во Механизмот: Германија, Кипар, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска, Чешка и Шведска.

EUCVP

Механизмот беше првпат активиран на 15 јули, на итно барање на Владата, при што Координативниот центар за ЕУ за одговор на вонредни ситуации успеа брзо да мобилизира четири хеликоптери и исто толку авиони/ер трактори. Откако го реактивираа механизмот на 30 јули, националните власти добија помош преку распоредување девет авиони.

„ЕУ отсекогаш била тука за Северна Македонија во тешки времиња. Нашата брза и суштинска помош преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита обезбедува витална поддршка за локалните напори во борбата против разорните шумски пожари“, изјави ЕУ амбасадорот Дејвид Гир. На 3 август, Гир, заедно со директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, присуствуваше на брифинг со националните и странските тимови за текот на противпожарните активности.

EUCVP

Механизмот ги покрива најголемиот дел од оперативните трошоци на помошта за гаснење пожари од воздух – останатите оперативни трошоци ги покриваат земјите кои ја нудат помошта, како дел од европската солидарност. Северна Македонија ги покрива трошоците за храна и сместување на странските тимови, како и тековните трошоци - за гориво и аеродромски такси.

Ова не е првпат Механизмот на ЕУ за цивилна заштита да се мобилизира за да и’ помогне на земјата во справување со природни непогоди. Во август 2021 година, поддршката на ЕУ преку Механизмот беше клучна за гаснење на големите шумски пожари во околината на Пехчево и Берово. Во 2015 и 2016 година Механизмот обезбеди навремена поддршка за справување со големите поплави што ја зафатија земјата. Поддршка преку Механизмот беше обезбедена и за време на пандемијата со КОВИД-19.