Нов План за раст на Западен Балкан – 6 милијарди евра грантови и заеми за приближување на економиите од регионот кон ЕУ
Идејата е да се поддржат партнерите во регионот да ги засилат реформите и инвестициите со цел забрзување на процесот на проширување и на раст на нивните економии.
Планот треба да обезбеди околу две милијарди евра во форма на грантови и уште 4 милијарди како заеми за партнерите на ЕУ во Западен Балкан до 2027 година. Средствата ќе се исплаќаат само по исполнувањето на договорените реформи.
Планот се заснова на четири столба:
- Зајакнување на економската интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, за што услов е Западен Балкан да постапува според правилата на Единствениот пазар и во истовреме да ги отвори релевантните области за соседите, во согласност со Заедничкиот регионален пазар. Клучни области се слободното движење на производи, услуги и работна сила, Единствената европска платежна област, транспортот, енергијата и дигиталниот единствен пазар;
- Поттикнување на економската интеграција во рамките на Западен Балкан преку Заедничкиот регионален пазар, заснован на правила и стандарди на ЕУ, што може да ги зголеми економиите за 10 отсто;
- Забрзување на фундаменталните реформи, поддршка на патот на регионот кон членство во ЕУ, подобрување на одржливиот економски развој, вклучително и преку привлекување странски инвестиции, и зајакнување на регионалната стабилност;
- Зголемување на финансиската поддршка за спроведување на фундаменталните реформи – инструментот од шест милијарди евра се состои од две милијарди во форма на грантови и четири милијарди како поволни заеми, при што исплатата на средствата ќе зависи од спроведувањето конкретни реформи од страна на партнерите од Западен Балкан.
Планот за раст се надоврзува на Економско-инвестицискиот план во висина од 30 милијарди евра, кој успешно започна во 2020 година.
Откако регулативата за Планот ќе се објави во Службениот весник на ЕУ, шесте партнери од Западен Балкан ќе бидат поканети да поднесат индивидуални реформски агенди во кои ќе ги наведат социоекономските и фундаментални реформи што ќе ги спроведат за да поттикнат раст и конвергенција во рамките на Планот за раст во периодот 2024-2027 година.
Економската конвергенција е суштински елемент во приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ. Во моментов, просечниот бруто домашен производ (БДП) по глава на жител во регионот се движи од 30 отсто до 50 отсто од просекот во ЕУ.
Интеграцијата во Единствениот пазар на ЕУ беше главен двигател на економски раст во сите земји кои се приклучија кон ЕУ – позитивното влијание врз БДП и нивото на приходи како резултат на интеграцијата во Единствениот пазар на ЕУ се потврди јасно во минатото.
Во јануари 2024 година, шесте лидери од земјите на Западен Балкан се сретнаа во Скопје – во заедничките заклучоци, тие ја потврдија посветеноста да ги искористат можностите што ги нуди Планот за раст.