Мултимедијална изложба ги расветлува проблемите со менталното здравје – и повикува на отвореност, без страв од стигма
Изложбата насловена „Одејќи по тенки линии“ го истражува менталното здравје – проблем кој останува занемарен, но и се’ погорлив во овој комплексен пост-ковид свет. Свет во кој сме поврзани повеќе од кога било порано, но сме често отуѓени од интеракција со други луѓе. Во кој предизвиците како војни, климатски промени и нееднаквост создаваат голем притисок врз поединците. Во кој статистиката покажува дека секој четврт човек ќе се соочи со ментални проблеми во текот на животот, дека самубиството е водечка причина за смрт кај лицата на возраст од 15 до 29 години, и дека најголем дел од луѓето со ментални проблеми се соочуваат со стигма и дискриминација.
Овој текст нема да открие како се одвива изложбата. Само ќе открие дека покрај дела кои се занимаваат со различни аспекти на менталното здравје (на уметниците Дијана Томиќ-Радевска, Луцијана Ампева, Касиопеја Наумовска, Ема Петрова, Никола Пијанманов, Тино Попов, Сашо Блажески и Трајче Чатмов, како и од Психијатарската клиника во Демир Хисар, под кураторство на Јасмина Котевска), изложбата вклучува и интерактивен перформанс (во режија на Јован Котевски). Перформансот ги прави проблемите со менталното здравје опипливи. Повикува на емпатија, но и на искреност, храброст и решеност да се зборува отворено за нив – и дома и јавно. Како начин да почнеме да се справуваме со проблемот, да ја подигнеме јавната свест за проблемите со менталното здравје и да помогнеме да се надраснат традиционалните предрасуди во однос на нив.
Изложбата – петта по ред организирана во изминатите четири години во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир – ќе биде отворена за јавноста до 31 мај 2024 година. Во меѓувреме, во мрежата на Јуроп Хаус ширум земјата ќе се одржат сродни работилници на тема проблеми со менталното здравје.
Посета на изложбата може да закажете преку Фејсбук страницата на Јуроп Хаус https://www.facebook.com/EuropeHouseSkopje.