This isn't an official website of the European Union

Магијата на бројот 7: Комплетирана мрежата на Јуроп Хаус во Северна Македонија!

Во некои култури, бројот 7 се поврзува со „целосност“. Со отворањето два нови центри - во Струга и Тетово - во изминатите денови, Јуроп Хаус во Северна Македонија го достигна овој магичен број и ја заокружи својата мрежа низ целата земја. Со тоа, мрежата – чија цел е да промовира развој на младите, активизам, креативност и иновации во рамките на патот на Северна Македонија кон ЕУ – ќе допре до уште поголем број луѓе.

 

Вечерта на 5 јуни, центарот на Тетово беше невообичаено раздвижен. Звуци на традиционална игрива музика на македонски, албански и турски го исполнуваа реновираниот објект и соседниот градски плоштад. Големите прозорци, однадвор, отсликуваа насмеани лица на главно млади посетители, а одвнатре, љубопитни погледи на случајни минувачи.

Зарина Првасевда и нејзиниот ансамбал – на големо задоволство на публиката – беа првите музичари кои го „загреаја“ Јуроп Хаус-Тетово, на денот на неговото официјално отворање. Зарина беше тукушто вратена од Брисел, каде настапи на Балкан трафик фестивал, кој минатата година и’ ја додели наградата за најдобар млад талент. Освен по нејзината исклучителна музика, Зарина е позната и по тоа што беше дел од активностите за прогласување на Шар Планина, која се издига над Тетово, за национален парк.

Токму заштитата на биодиверзитетот на Шар Планина, еколошките предизвици со кои се соочува Тетово, како и можните политики за справување со тие предизвици беа теми на динамичната дебата што се одржа во истиот простор неколку часа претходно. Во дебатата, одржана на Светскиот ден на животната средина, учествуваа амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, постојаната координаторка на ОН Росана Дуџиак, претставници на Националниот парк Шар Планина, локални експерти и студенти (Тетово има два универзитети).

Претходно, амбасадорот Гир и’ предаде на локалната граѓанска организација „Лоја“ мобилна библиотека со околу 4.000 наслови на јазиците кои се говорат во регионов. Библиотеката, создадена во рамки на ЕУ-проектот „Регионална мрежа за културна разноликост – РЕАД“, претходно пропатува низ земјите од Западен Балкан и Турција. „Лоја“ ќе и’ овозможи на библиотеката да ја продолжи својата благородна мисија во Тетово и други градови.

На инаугурацијата на Јуроп Хаус-Тетово и’ претходеше отворање на сличен центар за млади во Струга на 30 мај. На официјалното отворање беше откриен мурал на фасадата на Природнонаучниот музеј, насловен „Симбиоза“, а се одржа и настан за вмрежување на млади од југозападниот регион на земјата. Јуроп Хаус-Струга го одржа првиот настан во март, кога, по повод Светскиот ден на поезијата, ја обнови наградата „Млада Струга“ во соработка со Струшките вечери на поезијата, една од најстарите и најреномирани светски манифестации кои ја слават обединувачката моќ на поезијата, како катализатор на дијалог и мир.  

Приказната на Јуроп Хаус започна во Скопје во 2019 година. Во 2021-та се отворија центри во Крива Паланка и Струмица, а во 2023 година и во Битола и Велес.

Само минатата година, Јуроп Хаус беше домаќин на околу 900 – уметнички, образовни и забавни – настани со над 36.000 учесници. Проширената мрежа организира 300 настани само во првите четири месеци од годинава – и планира да допре до уште повеќе луѓе во периодот што претстои.