Културата, младите и зелената иднина во фокусот на Месецот на Европа 2024
Во пролетната вечер на платото на Универзитетот (во пресрет на неговиот патронат - Денот на Св. Кирил и Методиј), млади музичари изведоа свои верзии на некои од најголемите македонски рок и поп хитови. Евоцирајќи музички – и други – спомени (со слики и видеа од забавите во Скопје од 60-тите до 80-тите) и давајќи им на песните модерен „шмек“ – на големо задоволство на околу 3.500 посетители од различни генерации. Сето тоа под „палката“ на легендарниот радио водител и диџеј Драган Б. Костиќ. Покрај локална храна и пијалоци, имаше и штандови на кои се продаваа книги преведени на македонски со помош на програмата „Креативна Европа“, како и поп-ап продавница за плочи.
Овој концерт беше централниот јавен настан што Делегацијата на ЕУ, преку мрежата на Јуроп Хаус, го организира по повод на Денот на Европа. Тој се одржа кон крајот на месецот полн со активности кои ја славеа ЕУ, во целата нејзина разноликост, истакнувајќи ја важноста на учеството на младите во општествениот живот и на Зелената агенда.
Подружниците на Јуроп Хаус вон Скопје (во Крива Паланка, Струмица, Битола, Велес, како и новоотворените во Струга и Тетово) понудија богата културна и образовна програма за локалната публика, вклучително и во соседните градови. Имаше многу концерти, сликање мурали на јавни простори инспирирани од Зелениот договор, изложби и работилници за биодиверзитетот... Во Велес се одржа дегустација на вина од Северна Македонија и неколку земји-членки на ЕУ, која покажа како економијата и културата може да соработуваат на ниво на многу држави.
Традиционалниот ЕУ-прием се одржа на 14 мај, овојпат на сосема поразлично место. Лабораториум, поранешна печатница на најстариот дневен весник во Северна Македонија која е сега претворена во креативен центар, го освои второто место на годинашното издание на конкурсот „Нов Баухаус“ на Европската комисија.
Просторот, украсен со симболите на зелената револуција, беше полн со гости од сите фели, особено од новата генерација. Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир го опиша Лабораториум како место „кое ги спојува минатото и иднината, креативноста и иновативноста, но, пред се’, младите“.