Кога отпадот станува производ: ЕУ и’ помага на фирма за рециклирање хартија да ги унапреди еколошките практики

Примероци од подлошки за јајца во различни димензии се наоѓаат на бирото во канцеларијата на кумановскиот претприемач Оливер Тасевски. Тие се резултат на процес кој почнува со собирање хартиен и картонски отпад (кој инаку би завршил во депонии), продолжува со создавање пулпа и завршува со нејзино користење како суровина за производство на подлошки.
„Производите од рециклирана хартија се ‘ин’ во ЕУ бидејќи стиропорот и пластичната амбалажа се исфрлаат од употреба. Тие се нашата иднина“, вели Тасевски.
Неговата компанија МИТ Груп е една од корисниците на програмата на ЕУ за помош на микро, мали и средни претпријатија во Северна Македонија, која ја спроведува Германското друштво за меѓународна соработка - ГИЗ. Програмата, насловена „ЕУ за економски развој“, им помага на компаниите да бидат попродуктивни и поконкурентни со минимално влијание врз животната средина – што е суштината на Европскиот зелен договор.
Со 254.000 евра, ЕУ и’ помогна на МИТ Груп да набави нова, пософистицирана опрема. На тој начин фирмата речиси двојно го зголеми капацитетот да преработува хартиен отпад (од три на над пет тона дневно) и да произведува индустриска амбалажа. Притоа штедејќи електрична енергија и намалувајќи го ослободувањето штетни гасови при производство.
„Со претходната технологија можевме да правиме само подлошки за јајца. Новата машина ни овозможува да го прошириме производството и со друг тип на амбалажа, како држачи за чаши или производи за чевларската индустрија“, вели Тасевски.
Зголеменото производство го зголеми и бројот на вработени (на 18, од кои половина жени), вклучително и од ранливи социјални групи. Една од целите на МИТ Груп е да воспостави и систем за собирање, транспорт и преработка на хартиен отпад – за таа намена, компанијата постави специјални контејнери пред супермаркетите во Куманово.
Амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас ја посети МИТ Груп како добар пример за тоа како помошта од ЕУ се користи за приближување кон одржливата економија, како заедничка цел.

EUD
Тоа е всушност и целта на целата програма „ЕУ за економски развој“. Со вкупно 4,19 милиони евра, таа помогна да се „зазелени“ стопанисувањето на 25 микро, мали и средни претпријатија од различни делови на земјата, поддржувајќи воведување нови технологии или инсталирање фотоволтаични панели. Ова треба да ги намали годишните емисии на јаглероден диоксид во земјава за 11.000 тони. Тоа е еднакво на количината штетни гасови кои годишно ги ослободуваат 2.300 возила – што е многу значајно за земја која се соочува со загаден воздух поголем дел од годината.