This isn't an official website of the European Union

ЕУ-Северна Македонија 20-ти Поткомитет за иновации, информатичко општество и социјална политика

На 23 јануари 2025 година се одржа 20-тиот состанок на Поткомитетот за образование и култура, истражување и иновациска политика, информатичко општество и медиуми, социјална политика и вработување според Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија. Претставници од Европската комисија (во натамошниот текст, Комисијата) разговараа со надлежните органи од Северна Македонија за најновите случувања во овие области. Со состанокот, од срана на ЕУ, ​​копретседаваше заменик-шефот на Одделот за Албанија и Северна Македонија при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, г-дин Џулио Венери, а од страна на Северна Македонија државниот секретар на Министерството за Дигитална трансформација, г-ѓа Гордана Клинчарова.

Во областа на образованието, Комисијата, меѓу другото, го поздрави напредокот на Северна Македонија, во дигиталното образование, стручното образование и обука, како и во рационализацијата на училишната мрежа и нејзиното поефикасно и поодржливо финансирање. Го забележа усвојувањето на нови или изменети закони за различни аспекти на образовниот систем, нагласувајќи дека е неопходно следење бидејќи родовата дискриминација е отстранета како основа за дискриминација во Законот за основно образование, што покренува прашања во однос на инклузија. Комисијата, исто така, ја нагласи потребата од финализирање на останати образовни реформи како  и клучната важност за навремена реализација на мерките од Реформската агенда за подобрување на развојот на човечкиот капитал. За проектот Скопје европска престолнина на културата 2028 година, Комисијата ја истакна потребата да се поддржи неговата имплементација, во согласност со преземените обврски за време на кандидатурата на градот.

Што се однесува до информатичкото општество и медиумите, Комисијата ја поздрави посветеноста на Северна Македонија за унапредување на интеграцијата во единствениот дигитален пазар и имплементацијата на европскиот број за итни случаи 112. Таа и честиташе на Северна Македонија за усвојувањето на Стратегијата за сајбер безбедност 2025-2028 година на 21 јануари 2025 година. Комисијата, исто така, забележа дека Северна Македонија ќе ја усвои националната стратегија за ИКТ и нејзиниот акциски план во април 2025 година. Ја охрабри Северна Македонија да ја формира агенцијата за дигитална трансформација. Ја истакна потребата Северна Македонија активно да учествува во повиците на Програмата за Дигитална Европа на кои веќе учествува. Комисијата подвлече дека независноста на регулаторот мора да се обезбеди во одредбите на новиот закон што се усогласува со Кодексот за телекомуникации на ЕУ. Комисијата, исто така, ја нагласи потребата од усогласување со правилата за сајбер безбедноста на 5G при подготовката на планот за воведување на 5G, како и потребата целосно да се усогласат законите за медиуми со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги и Европскиот закон за слобода на медиумите, при што вториот постепено ќе се применува во ЕУ. Исто така, во овој сектор, Комисијата уште еднаш ја подвлече потребата да се финализираат останатите реформи и навреме да се испорачаат законодавните дејствија што се вклучени во чекорите на Реформската агенда.

Во областа на социјалната политика и вработувањето, Комисијата ги поздрави напорите за намалување на невработеноста, вклучително и преземените чекори за понатамошно подобрување на стручното образование и обука, како што е усвојувањето на новиот закон за стручно образование и обука. Исто така, го поздрави значителниот пораст на луѓе кои добиваат гарантирана минимална помош (ГМА). Комисијата истакна дека шемата за младински гаранции продолжи успешно да се спроведува низ целата земја. Остануваат структурните предизвици кога станува збор за високата стапка на невработеност, особено на младите, жените, Ромите и лицата со попреченост, како и за еднаквите можности и вработувањето и социјалните аспекти на родовата еднаквост. Комисијата ја истакна потребата од забрзување на останатите законски реформи како усвојување на новиот закон за работни односи, за безбедност и здравје при работа и зајакнување на имплементацијата на законот за мирно решавање на работните спорови.

Комисијата ги поздрави напорите направени од Северна Македонија за зајакнување на истражувачки и иновациски капацитет на јавниот и приватниот сектор, зголемениот буџет за наука и континуираните напори на земјата за подобрување на учеството во Хоризонт Европа. Комисијата им честиташе на колегите за завршувањето на Стратегијата за паметна специјализација, но подвлече дека сега мора да се почне со нејзино спроведување.