This isn't an official website of the European Union

ЕУ помага да заживеат старите занаети: Грнчарската авантура на велешките деца од Генерацијата Z

Анастасија Давчева и Антонио Трајковски се типични 14-годишници од Велес. Но она што ги издвојува – заедно со уште 23 други деца – од нивните врсници од овој град е интересот за грнчарството – традиционален занает во Велес кој е речиси во изумирање. И за чие заживување се прават работилници – со помош на ЕУ.

 

 

„Кога дојдов првпат (на работилницата) ми беше чудно, но со тек на време стануваше се’ поинтересно. Сега повеќе сакам да изработувам предмети од глина отколку да играм игри на мобилен телефон. Грнчарството е навистина интересен занает“, раскажува Антонио, еден од најпосветените ученици во групата.

Во првата половина на 20. век многу фамилии во Велес се занимавале со грнчарство, а некои производи се извезувале и во Западна Европа. Големиот македонски поет Кочо Рацин, чија социјално ангажирана поезија е симбол за работничката борба, исто така се занимавал со грнчарство. Дел од керамичките предмети што самиот ги создал се изложени во неговата Спомен-куќа – една од најдобрите примери на традиционална велешка архитектура.

Гоце Станчев е еден од последните четворица мајстори за керамика во Велес. Тој ги водеше грнчарските работилници што ги организираше невладината организација Разбој, како дел од проектот „Етно креативни работилници за заживување на старите  занаети“. Проектот е во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан - ReLOaD, финансирана од ЕУ и поддржана од УНДП.

„На почетокот бевме скептични, но се покажа дека децата имаат голем интерес – се пријавија вкупно 25 основци од Велес. Дел од нив беа навистина талентирани и им понудив да доаѓаат да учат во мојата работилница. Од 20 деца, ако успееме две да направиме грнчари, тоа ќе биде голем успех“, вели Станчев.

Анастасија, која исто така беше дел од работилниците, ги опишува како „забавни“, особено кога учесниците цртале и работеле на колцето. „Би било убаво да се задржи грнчарството како занает, бидејќи тоа е дел од традицијата на нашата земја“, вели таа.

Станчев смета дека во заживувањето на старите занаети е неопходно да се вклучи и државата, а грнчарството да се вметне во часовите по ликовно образование како дел од задолжителната програма. „Има иднина во грнчарството, но потребен е поттик. Јас и мојата сопруга 15 години професионално се занимаваме со оваа работа. Има голема побарувачка на пазарот, но нема кој да работи. Има уште 7-8 мајстори во целата држава. Јас сум доказ дека од грнчарството може да се живее“. 

Една од главните цели на регионалната програма ReLOaD е да се поттикне партнерство меѓу општините и локалните граѓански организации и да се воспостави методологија за транспарентно доделување финансиски средства за проекти во корист на граѓаните.

„Општина Велес постојано нè поддржува. Сите работилници за заживување на старите занаети се одржуваа во куќи на уметноста кои ни ги отстапи на користење токму општината. Имаме добри услови и затоа овие работилници се единствени од ваков вид во нашата држава“, вели Станчев.

Ова е еден од педесетте проекти кои во изминатите три години се спроведоа во осум општини во рамки на ReLOaD програмата. Проектите главно се фокусираа на поддршка на младите, поттикнување социјална кохезија и инклузија, заштита на животната средина, како и промоција на културното наследство и туристичките потенцијали на државата.