Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе одбележан со театарска претстава за подигнување на свесноста за присилните детски бракови – и за потребата да се спречат
Присилувањето малолетници – девојчиња, но и момчиња – да стапуваат во брак, најчесто за пари или отплата на долгови на родителите кое потоа може да премине во трудова и сексуална експлоатација, може да ни изгледа како далечно минато. Но, тоа е присутно и до ден денешен – вклучително и во Северна Македонија. Иако е тешко да се утврди вистинската раширеност на овој проблем, официјалните податоци покажуваат дека од 16 жртви на трговија со деца идентификувани во изминатите пет години, 11 биле жртви на присилни бракови.
На 18 октомври - Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, членови на драмската секција од средното училиште „Ѓорче Петров“ ја отсликаа вознемирувачката реалност на жртвите на присилни бракови. Прикажувајќи ја траумата, но и излезот од таквите ситуации. Во што сите ние може да помогнеме.
Театарската претстава „Маѓепсан круг“ (Промени го мислењето - остани надвор) беше продуцирана во рамки на проект на Европската Унија и на Советот на Европа за зајаканување на борбата против трговијата со луѓе во земјава. Од 2009 година, Северна Македонија е дел од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе, обврзувајќи се да се бори против трговијата со луѓе воопшто, а особено против присилните детски бракови.
На театарската претстава и’ претходеше радио драма, исто така во продукција на Радио Пела со цел да ја подигне јавната свесност за проблемот и да помогне во детектирањето и пријавувањето на овој тип криминал. За да допре до што поширока публика, кју-ар кодот до радио драмата, покрај на веб-страницата на Радио Пела, е достапен и на сајтовите на уште неколку национални и локални радио станици. За да ја слушнете радио драмата, скенирајте го кју-ар кодот подолу.
Radio Pela