This isn't an official website of the European Union

Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе одбележан со театарска претстава за подигнување на свесноста за присилните детски бракови – и за потребата да се спречат

Секој ден, околу 39.000 девојчиња во светот присилно се мажат пред да станат полнолетни – а над една третина од нив се помлади од 15 години. Ова, за жал, е се’ уште присутно и во Северна Македонија. Заеднички проект на ЕУ и Советот на Европа се занимава со овој проблем. Вклучително и преку театарска претстава и радио драма кои пластично ја опишуваат ситуацијата на жртвите – и ја повикуваат публиката да ги препознае и пријави присилните детски бракови, кои претставуваат сериозно кршење на човековите права.

 

Присилувањето малолетници – девојчиња, но и момчиња – да стапуваат во брак, најчесто за пари или отплата на долгови на родителите кое потоа може да премине во трудова и сексуална експлоатација, може да ни изгледа како далечно минато. Но, тоа е присутно и до ден денешен – вклучително и во Северна Македонија. Иако е тешко да се утврди вистинската раширеност на овој проблем, официјалните податоци покажуваат дека од 16 жртви на трговија со деца идентификувани во изминатите пет години, 11 биле жртви на присилни бракови.

На 18 октомври - Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, членови на драмската секција од средното училиште „Ѓорче Петров“ ја отсликаа вознемирувачката реалност на жртвите на присилни бракови. Прикажувајќи ја траумата, но и излезот од таквите ситуации. Во што сите ние може да помогнеме.

Театарската претстава „Маѓепсан круг“ (Промени го мислењето - остани надвор) беше продуцирана во рамки на проект на Европската Унија и на Советот на Европа за зајаканување на борбата против трговијата со луѓе во земјава. Од 2009 година, Северна Македонија е дел од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе, обврзувајќи се да се бори против трговијата со луѓе воопшто, а особено против присилните детски бракови.

На театарската претстава и’ претходеше радио драма, исто така во продукција на Радио Пела со цел да ја подигне јавната свесност за проблемот и да помогне во детектирањето и пријавувањето на овој тип криминал. За да допре до што поширока публика, кју-ар кодот до радио драмата, покрај на веб-страницата на Радио Пела, е достапен и на сајтовите на уште неколку национални и локални радио станици. За да ја слушнете радио драмата, скенирајте го кју-ар кодот подолу.

 

QR code