This isn't an official website of the European Union

Амбасадорот на ЕУ Рокас ги предаде акредитивните писма на претседателката Силјановска-Давкова

На 6 септември 2024 година, амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, ги предаде акредитивните писма на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.

Амбасадорот Рокас изјави дека му претставува чест што е во Северна Македонија како претставник на Европската Унија. Во текот на својот мандат тој вети дека ќе соработува со институциите, политичките чинители и сите актери и општествени сектори ширум земјата. Претседателката и Евроамбасадорот Рокас разменија мислења за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, напредокот што земјата го остварила, можностите за земјата во рамките на Планот за раст, како и за идните реформи и претстојни предизвици. Амбасадорот Рокас ја изрази својата решеност да го поддржи процесот на реформи кои позитивно ќе се одразат врз животот на сите граѓани.

„Мојот мандат е да ѝ помогнам на Северна Македонија да оди напред и да направи опипливи чекори на патот кон нашата заедничка и непоколеблива определба за членство во Европската Унија“, изјави амбасадорот Рокас.

На 5 септември 2024 година, амбасадорот Рокас му врачи копија од акредитивните писма и на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Министерот за надворешни работи Муцунски му посака добредојде на амбасадорот Рокас, истакнувајќи дека неговата мисија започнува во клучен момент за европската иднина на земјата и изрази убеденост дека со силна заемна посветеност ќе се постигне значаен напредок кон зајакнување на партнерството и постигнување членство во ЕУ.